КОВАЧЕВ: За темите за идентитетот и јазикот нема место во извештајот, се отвора Пандорината кутија
Трите најголеми политички групи во Европскиот парламент го поддржаа предлогот да се отстранат термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од извештајот за Македонија, потврдува бугарскиот европратеник, Андреј Ковачев.
Тој рече дека на барање на групата на Европската народна партија (ЕНП), трите најголеми политички сили во Европскиот парламент – ЕНП, Социјалдемократите (С&Д) и Обнови ја Европа (Либералите) – синоќа се согласиле да ги отстранат сите референци на „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на Северна Македонија.

Очекувањата се дека на пленарната седница следната недела мнозинството во Европскиот парламент ќе го поддржи овој амандман.
Ковачев изјави дека за темите за идентитетот и јазикот нема место во извештај за напредокот на земја-кандидат за членство во Европската Унија, бидејќи тие само водат кон поделби и отворање на Пандорината кутија.
Додаде дека целта на власта во Скопје е, пред локалните избори, да прикажат некаква „неверојатна триумфална победа над источниот сосед“.
Ковачев рече дека Македонија треба да го почитува потпишаниот договор со Бугарија и да ја деблокира работата на историската комисија, затоа што тоа е местото каде треба да се дискутира за заедничката историја.
фото Фејсбук/Андреј Ковачев
