Економија, финансии, бизнис

Контакт

Котевски: Луѓето да не се впуштаат во „авантури“, врвовите не ни „бегаат“ никаде

Котевски: Луѓето да не се впуштаат во „авантури“, врвовите не ни „бегаат“ никаде

Постојат меѓународни правила со помош на кои треба да се организираат планинарски тури, и со цел планинарите да бидат што побезбедни додека се на планина.

Љубомир Котевски, претседател на планинарскиот клуб Кораб од Скопје го објаснува начинот на кој треба да се организираат планинарските акции.

„Постојат меѓународни правила за движење во планина, односно за организирани планинарски акции (тури), коишто ги има прифатено и нашата планинарска организација, односно Федерација на планинарски спортови на Македонија. Правилата ги спроведуваат планинарските клубови, кои се единствени лиценцирани и легитимни организатори на планинарски акции. Клубовите меѓу своите членови мора да имаат лиценцирани планинарски водичи, услови и сè останато зависи од тоа што бара турата, теренот и временските услови.  Водичот е должен да информира за должината на патеката, тежината, потребна опрема, храна, течности, временски услови. Водачот е должен да ги провери сите учесници дали се соодветно опремени, дали се физички доволно подготвени и искусни, и согласно тоа водачот е должен да ја организира и води акцијата. Водичот има право и да ја прекине акцијата ако смета дека е загрозена безбедноста на учесниците. Водичот не смее да дозволи одвојување на поединец или поединци од групата“ – вели Котевски.

Додава дека доколку се јави некој проблем, тогаш водичот и планинарите треба да бидат во контакт со локално планинарско друштво, и локални спасувачки екипи од кои ги побарале помош.

„Но,  најдобро е да се превенираат ситуациите, односно да не се впуштаат во „авантури“, испробувајќи ги своите можности и реализирајќи ги своите амбиции по секоја цена, затоа што врвовите не ни „бегаат“ никаде, тие нè чекаат и ќе ни ги пружат можностите друг пат, кога временските услови ќе бидат подобри за да се искачиме“ – објаснува Котевски.

Во рок од недела дека имаше повеќе случаи каде планинари се изгубија на Попова шапка, а на Кајмакчалан двајца планинари загинаа.

Љубителите на  скијањето и  планинарењето, а пред сé странските државјани, доколку планираат искачување на планинските врвови  да се пријават во најблиските полициски станици или одделенија, апелираа деновиве  од СВР Тетово.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести