Економија, финансии, бизнис

Контакт

„КОТЕЛОТ ЗА ПАРНОТО ГРЕЕЊЕ ВО ЈП „ЛАЈКА“ МИСТЕРИОЗНО ИСЧЕЗНА“ - кучињата мрзнат

„КОТЕЛОТ ЗА ПАРНОТО ГРЕЕЊЕ ВО ЈП „ЛАЈКА“ МИСТЕРИОЗНО ИСЧЕЗНА“ - кучињата мрзнат

Јавното претпријатие „Лајка“ кое единствено во земјава ги згрижува бездомните кучиња и врши хуман третман на стерилизација за да се спречи понатамошно размножување деновиве апелира до сите хумани луѓе да донираат ќебиња, јамболии, стари теписи, черги со цел да ги стоплат кучињата кои се таму, бидејќи во моментов немаат парно греење.

Фактор разговараше со директорката Радмила Пешева која три месеци раководи со претпријатието со цел да добиеме одговор зошто во стационарот не функционира парното греење. Вели дека претходната директорка практично си го земала котелот кој е основен за системот за греење.

-За жал претпријатието е во многу незавидна положба. Моравме да апелираме граѓаните да донираат за да ги стоплиме кучињата. Не знам каква зима може да очекуваме, но дури и во вакви поволни климатски услови потребно е кучињата да ги стоплиме. Ние имаме поставено подно греење, но тоа не функционира ако нема котел. А, котел немаме бидејќи претходната директорка си го однела. Јас не ја затекнав и ова што сега ви го кажувам е она што мене тука вработените ми го пренесоа. Наводно котелот бил донација и таа кога ја напушти функцијата си го земала. Јас искрено не знам ниту како е донесен, ниту како е изнесен од претпријатието. Моментално сме во процес на набавка. Претпријатието ги прави сите напори што побрзо да набавиме нов котел за парно греење. Веќе беа стручни лица за да го проверат системот, вели Пешева.

Инаку, како што посочува, ЈП „Лајка“ има големи долгови од претходниот период кон разни доверители, но нагласува дека сите имаат рабирање и долговите полека ги отплаќаат.

-Должиме на доверители кои не снабдуваат со медицински материјали и со храна, но тие работи полека ги решаваме. Освен тоа плаќаме и извршителски казни, а буџетот на претпријатието се потроши во септември. Сепак, Советот на Град Скопје ни додели субвенции за потешкотии во работењето, а оваа година очекуваме, односно се надеваме дека ќе имаме поголем буџет. Имаме голема поддршка од компании, здруженија и хумани граѓани кои се љубители на кучињата.Иако имаме склучено договори со шест општини, редовни плаќачи ни се Гази Баба, Аеродром и Центар и секако Градот Скопје. Морам да кажам дека тимот кој работи тука е максимално посветен, па дури и во најтешките месеци, кога се доцни со плати, тие се  целосно посветени на својата работа и грижата за кучињата, посочува Пешева.

Што се однесува до коментарите за организирањето на предновогодишниот настан во петок, во кафе бар Младост во насока на тоа како претпријатието има пари за прослава, а нема за ќебиња, Пешева вели дека тоа е настан за кој им е отстапен просторот, секој сам си плаќа, а целта е да се видат со сите нивни поддржувачи и соработници за да имаат понатамошна успешна соработка.

Анита Буховски


Слично

Поврзани вести