Костовски: СЈО ги исполнува политичките желби на Заев
ВМРО-ДПМНЕ повторно обвини дека Специјалното јавно обвинителство е партиска испостава на СДС и работи без докази. Неговата работа е селективна и има за цел да крева „димни завеси“ секогаш кога неговата матична партија и Зоран Заев прават пазари со националните и државните интереси, посочи Дарко Костовски на партиската прес конференција
- Во случајот ТНТ е срушена дивоградба на Фијат Цаноски. Во овој момент некој да излезе и да ја измери основната плоча ќе види дека не е градено по план. СЈО решава да ги исполни желбите на Заев и политички, без докази покренува обвинение за случај за кој многу лесно може и сега да се провери дека е дивоградба. Фијат Цаноски коалициониот партнер на Заев добил дозвола за да гради два ката подземно, а поради желбата да скрати од трошоци, градел само еден. Откако се соочил со законот поднел и барање за измена на дозволата за градба со што практично признава дека направил дивоградба, рече Костовски на денешната прес конференција пред СЈО.
Според него во таа насока се и селективните и тенденциозни обвиненија што ги креираат за функционери од ВМРО-ДПМНЕ, целта е елиминација или ослабување на ВМРО-ДПМНЕ и слабеење на држата.
– Со цел да се направи политички спектакл СЈО покрена обвинение за сосема законски случај како што е рушење на оваа дивоградба. Целта на СЈО и Заев не е правдата туку нејзино гушење, додаде Костовски.
