Костовски: Максим Димитриевски деградираше 20 истакнати активисти на СДСМ
Мартин Костовски, претседателот на СДСМ Куманово, денеска на прес-конференција објави дека Максим Димитриевски, градоначалникот на Куманово, деградирал 20 вработени, кои инаку биле членови на СДСМ и негови неистомисленици.
- Лажниот социјалдемократ Максим Димитриевски уште во првите денови започна со одмазда кон своите политички неистомисленици. Над 20 вработени лица во Општина Куманово овие денови се распределени на пониски позиции или се преместени да работат на други локации.
Причината за преместувањата и деградирањата е само тоа што овие луѓе се истакнати активисти и членови на СДСМ. Ова е класичен политички реваншизам и самоволие на градоначалникот Димитриевски, постапка која потсетува на едни режимски времиња.
Со ваквите постапки се покажа недемократското и неодговорно лице на Максим Димитриевски кој решил заради лични каприци, да се пресметува и казнува луѓе кои со години и децении работат во општината.
Јасно ни е дека Димитриевски ќе продолжи со притисоците, но и нему треба да му биде јасно дека со ваквиот однос нема да исплаши никого“, рече Костовски.
Тој ги повика сите вработени кои се незадоволни од одлуките на Димитриевски да се обратат во СДСМ за да ги заштити.
