Костадиновски: Веќе се формирани четири предмети поврзани со системот „Безбеден град“
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски денеска информираше дека веќе се формирани четири предмети поврзани со системот „Безбеден град“. Рече дека постапувањето ќе се одвива со висок приоритет и забрзана динамика.
Костадиновски нагласи дека Судот ќе пристапи внимателно и одговорно кон разгледувањето на предметите, имајќи ја предвид важноста на системот за јавната безбедност, но и потребата од почитување на уставните права на граѓаните. Претседателот на Уставен потенцираше дека не може да ја прејудицира конечната одлука на Судот.
Сепак, претседателот на Уставниот суд посочи дека системот за видео-надзор, според неговата оценка, има општествена оправданост, нагласувајќи дека мерките кои ги предвидува се пропорционални на целта што се настојува да се постигне – зголемена безбедност и почитување на правилата.
„Овој проект на сите ни покажа дека нашиот менталитет може многу брзо да се смени и да се прилагоди на правила. Не сме безнадежен случај. Ако има вистинска подготвеност за почитување на владеењето на правото, имаме добра перспектива и иднина“, изјави Костадиновски.
Тој кажа дека примерот со „Безбеден град“ често го споменува и на меѓународни конференции, наведувајќи го како пример дека граѓаните во Македонија се подготвени за развој на уставната култура, доколку институциите воспостават јасни правила.
Дел од албанските партии во земјава го оспорија „Безбеден град“ пред Уставен. Тие тврдеа дека Албанците се дискриминирани затоа што системот важи само за Скопје, Тетово и Куманово, но не и за другите општини.
