Костадин Костадинов со навреди кон Џамбаски по провокативното видео, но потоа се повлече
Костадин Костадинов, пратеникот и портпарол на СДСМ, синоќа на потегот на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски по објавеното видео во кое во својата предизборна кампања вели дека „Македонија е бугарска“, реагираше со навреди од типот „грешка на природата“ и „хохштаплер“, но потоа го избриша статусот од Фејсбук.
Министерството за надворешни работи до бугарското МНР конечно упати една протестна нота по провокаторското видео на европратеникот и заменик-претседател на политичката партија ВМРО – Бугарско национално движење.
Бугарскиот европратеник објави скандалозен спот кој изобилува со кадри од Скопје, Охрид и други локации во Македонија, при што вели дека Македонија е на Бугарите. Џамбаски на Фејсбук ги промовира големобугарските сонови поткрепени од Санстефанскиот договор. Вели дека ние сме само „времени управители“ во Македонија. Според него, не може да се живее во 21 век, без да се признае 20-от век.
