Косовскиот политичар Албин Курти ги повика Албанците во дијаспората да се самопопишат
Албанците од Македонија кои се во странство да се самопопишат. Ваков повик упати денеска косовскиот политичар Албин Курти, чија партија победи на неодамнешните парламентарни избори. Тој објави видео на Фејсбук во кое ја повикува албанската дијаспора од Македонија да се регистрира на пописот и објави линк до веб страницата на Државниот завод за статистика.
Курти вели дека во согласност со македонскиот Устав, политичките права во земјата ги диктираат бројките и затоа регистрацијата на пописот е исклучително важна. Понатаму, тој вели дека „политичката застапеност, капиталните инвестиции, вработувањата, распределбата на буџетот, субвенциите за земјоделците, стипендиите за ученици и студенти, донациите за општините и слично зависат од бројот граѓани на двете најголеми државотворни заедници на Северна Македонија“. Во тек е попишувањето на дијаспората преку онлајн апликација, а теренското попишување во земјава треба да почне на 1 април. Најголем интерес за самопопишување има во Швајцарија, а најмал во Канада и Австралија.
