Koсовскиот колега на Спасовски не знае каде се Демири и Исмаиловиќ?
Министерот за внатрешни работи на Косово, Екрем Мустафа денеска изјави дека нема информации каде се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, обвинети во случајот „Монструм".
Тој по денешната трилатерална тактичко-показна вежба „Western Balkan’s flash“, кажа дека Приштина ќе соработува со Скопје и ќе постапи во согласност со законите по барањето за нивна екстрадиција.
„Во моментот немаме информации каде се наоѓаат, но согласно законските процедури ние ќе постапиме и ќе соработуваме со Република Северна Македонија“, изјави Мустафа.
Двајцата се меѓу обвинетите за петкратното убиство кај Смилковското езеро на 12 април 2012 година. Тие избегаа на Косово, а властите во Скопје по нив распишаа меѓународна потерница и од Косово побараа да бидат екстрадирани во земјава.
