КОСОВСКИОТ АМБАСАДОР ВО ЗЕМЈАВА ОДБИВА ДА СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД ФУНКЦИЈАТА - ако треба и физички ќе ја брани својата позиција
Косовскиот амбасадор во Северна Македонија, Ѓераг Дедај, одбива да ја испочитува одлуката за разрешување, и покрај указот на косовската претседателка Вјоса Османи за разрешување од функцијата, пишува Данас.рс.
Дедај рече дека Уставот и законите на Косово не треба да се кршат или персонализираат.
„Уставот и законите на Косово се Библијата и Куранот на косовското општество, пред кои сите треба да бидеме немоќни. Тие не се кршат, ниту се персонализирани“, рече Дедај на социјалните мрежи.
Претходно, Дедај го предупреди идниот амбасадор во таа земја дека физички ќе ја брани својата позиција, не прифаќајќи го указот на претседателката на Косово.
Претседателката Вјоса Османи, на предлог на Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово, донесе одлука за оставка на Дедај и на уште 11 други амбасадори избрани според политичкиот клуч.
Дедај беше назначен за амбасадор со декрет на поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, а тој ја презеде функцијата амбасадор во октомври 2018 година.
Функцијата вршител на должноста амбасадор во Скопје треба да ја извршува Приндон Садриу, сопруг на претседателката на Косово, кој досега беше советник во таа амбасада.
Да потсетиме, Косово отповика 12 амбасадори.
Извор: Данас.рс
