Косовец се обидел да „протне“ кокаин во затвор скриен во јакна, заработи обвинение и продолжен притвор
Косовец се обидел да внесе кокаин во затворот во Идризово, ставајќи го во јакна која требало да му биде предадена на осуденик кому му дошол во посета. По претресот на јакната службениците го откриле кокаинот во внатрешниот џеб на јакната, во најлон завиткан со селотејп, а лицето од Косово заработи обвинителен акт.
Од Обвинителството соопштија дека по спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот Кривичен суд Скопје поднело Обвинителен акт против косовски државјанин, кој се товари дека сторил кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 ст.1 од Кривичниот законик.
„Обвинетиот, на 31 јануари, во просториите на Казнено-поправната установа ‚Идризово' во Скопје, при редовна посета на осудено лице, неовластено пуштил во промет наркотична дрога – кокаин со нето маса од 89,96 грама.
При влезот во установата, обвинетиот на затворскиот полициски службеник му предал пакет наменет за осуденото лице, во кој имало и една јакна. По извршениот претрес на пакетот, во внатрешниот џеб од јакната, во најлонско пакување обвиткано со селотејп, била пронајдена наркотичната дрога – кокаин“, се вели во соопштението.
Надлежниот јавен обвинител до Судот доставил и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице, со оглед на тоа што и натаму постои опасност од бегство и можност тој да го повтори делото што му се става на товар.
