Кошта пристигна во Скопје
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, попладнево пристигна во Скопје на средба со премиерот Христијан Мицкоски. На скопскиот аеродром го пречека министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
„Добредојде за претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во Скопје. Попладнево, во рамки на неговата регионална посета, го пречекавме претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Посетата претставува значајна можност за размена на мислења за европската перспектива на државата, реформската агенда и понатамошните чекори во евроинтегративниот процес. Очекуваме отворена и содржајна дискусија за надминување на предизвиците и забрзување на европскиот пат на државата“, напиша на Фејсбук Муцунски.
Веднаш по пристигнувањето, Кошта замина во Владата на разговори со Мицкоски. Предвидена е тет-а-тет средба по што ќе следува состанок помеѓу владината делегација и делегацијата предводена од претседателот на Европскиот совет.
Мицкоски и Кошта потоа ќе одржат заедничка прес-конференција во Владата.
Во Скопје тој допатува од Тирана, а посетата ја почна вчера од Сараево.
Утре, Кошта ќе се упати кон Приштина, а в четврток ќе го посети Белград. Турнејата ќе ја заокружи со посета во Црна Гора.
фото Фејсбук/Тимчо Муцунски
