КОШТА: Не ви треба план Б, туку само реализирање на планот А
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денеска во Скопје ги повтори познатите позиции на Брисел дека „она што е договорено е договорено и нема повеќе што да се договара“.
Кошта инсистира дека Македонија мора да ги исполни преземените обврски од 2022 година, односно земјава да ги усвои уставните измени со кои Бугарите треба да се вметнат во македонскиот Устав, додека премиерот Христијан Мицкоски е дециден дека додека е тој премиер тоа нема да се случи, се додека од другата страна, односно Бугарија, има нула испорака. И Мицкоски и Кошта беа согласни во тоа дека процесот на евроинтеграција на земјава трае премногу долго.
Претседателот на Европскиот совет е категоричен дека не постои план „Б“ за отворање на преговорите.
„Не ви треба план Б, туку само реализирање на планот А и тоа е нашиот фокус, тоа е фокус на премиерот Мицкоски и тоа треба да биде фокусот на 27. земји членки на ЕУ. Ја посетив Бугарија пред две недели од таа причина, и ако ме прашувате какви гаранции имаме, јасно е: она што е договорено е договорено и нема повеќе што да се договара. Сега треба да се исполни тоа што е договорено, и нема повеќе простор да се прашува што уште треба да се договара“, изјави Кошта.
Мицкоски рече дека сака да види добра волја од другата страна.„Никој кај нас нема проблем како дел од преамбулата да ги вметне да речеме, Хрватите, Црногорците, Словенците и останатите, затоа што имаме принципиелен однос со тие држави. Дури ни Португалците, ни Шпанците, ни Французите, немаме таков проблем. Доста ние како држава направивме во името на тие европски интеграции во името на европската иднина. Ќе ве потсетам менувавме знамиња, менувавме име, менувавме Устав, како никој досега. Затоа реков да, фрустрирачки е патот и тежок“, рече премиерот.
Соседна Албанија ги почна преговорите лани и беше одвоена од Македонија.
фото Фејсбук/Христијан Мицкоски
