КОС НЕ МОЖЕ ДА ДАДЕ ГАРАНЦИИ: Очекува дека Македонија ќе направи уставни измени
Новата еврокомесарка за проширување Марта Кос, веднаш по одобрувањето на новиот состав на Европската комисија, очекува Северна Македонија да го промени Уставот, бидејќи, како што вели, тоа е нешто на коешто смета Европската Унија.
„Тоа е нешто на коешто сметаме. Ништо помалку, ништо повеќе. Верувам дека тоа е можно, и после тоа навистина да го забрзаме процесот“, вели Кос.
На прашањето дали после тоа може да се дадат гаранции дека нема да има други блокади, Кос изјави дека таа не е онаа којашто може да даде одговор на тоа прашање.
За тоа како може да се реши проблемот со Бугарија, Кос рече дека треба да се разговара што е можно повеќе.
„Да се зборува, што е можно повеќе, и со Северна Македонија и со Бугарија. Мора да покажеме дека тоа е во наши раце, како да го решиме овој билатерален проблем. Без ова, а следејќи ги европските вредности, нема да можеме да го направиме она што е најдобро за ЕУ, и секако што е најдобро за Северна Македонија“, рече Кос.
Таа оцени дека проширувањето денес е поинакво отколку пред пет години. Бугарија бара Македонија да ги внесе Бугарите во Уставот, инаку ќе го блокира европскиот пат на земјава.
