Економија, финансии, бизнис

Контакт

Короната заминува од болниците, во Собранието допрва ќе се решава за лекувањето до 5.000 евра во приватните клиники

Короната заминува од болниците, во Собранието допрва ќе се решава за лекувањето до 5.000 евра во приватните клиники

Законот со кој во иднина приватните клиники ќе  можат да наплаќаат од 40 илјади до максимум 305 илјади денари за лекување на ковид пациентите би можел да се најде уште денеска на дневен ред на пленарната седница во Собранието, брифираат извори од владеачкото мнозинство. Предлог измените на Законот за здравствена заштита го поминале првото читање, а во блиска иднина треба да се стави на гласање.

Законскиот предлог Владата го усвои уште во првата половина на април, кога беше дадено зелено светло цените во приватните болници за лекување на ковид-пациенти да се изедначуваат со референтните цени утврдени од Фондот за здравствено осигурување. 

Приватните болници во иднина ќе  можат да наплаќаат од 40 илјади до максимум 305 илјади денари за лекување на ковид пациентите, доколку биде усвоен предлогот за измени на Законот за здравствена заштита, со кој се очекува да се  реши проблемот на кој се алармира од почетокот на пандемијата.

„Регулирањето на цените е неопходно за да не се доведеме во ситуација приватните здравствени установи да останат недостапни за огромно мнозинство на граѓани во нашата земја. Ги повикувам сите пратеници во Собранието да дадат поддршка на оваа регулација на цените за здравствени услуги на ковид пацинети во приватните болници. Во време на пандемија од клучна важност е пратениците да го изгласаат ова законско решение со кое цените за третман на пациенти во приватните болници ќе бидат финансиски издржливи за сите граѓани“, изјави тогаш министерот за здравство, Венко Филипче.

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 318 и има околу 574 празни болнички кревети во ковид центрите. Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 5 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 137 лица сомнителни и потврдени за Ковид 19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град. Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава, пак, е пријавено дека се лекуваат вкупно 181 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. 

A.K.


Слично

Поврзани вести