КОРИСТЕЛ ВОЗДУШНА ПУШКА: Малолетник го убил кучето Рекс во Муртино
Малолетник го убил кучето Рекс со оружје во селото Муртино во околината на Струмица.
Здружението „Анимал Лаверс“ – Струмица со огромна загриженост ја информира јавноста за убиството на кучето на 27 минатиот месец. Полицијата потврдила дека сторител на овој грозоморен чин е малолетно лице, а случајот веќе е предаден на Јавното обвинителство.
„Дали во семејството на сторителот децата се учат да користат оружје? Дали надлежните институции ќе дозволат ова злосторство да помине неказнето? Каква порака се испраќа до идните генерации доколку ваквите случаи останат без соодветна правна разрешница?“, прашуваат од Здружението.
Од „Анимал Лаверс“ очекуваат од надлежните органи итно да одговорат дали некој од семејството на малолетникот поседува дозвола за оружје, кој вид на оружје е користен во овој случај, дали оружјето е одземено и дали ќе следуваат санкции за неговото незаконско поседување.
Како граѓанска организација, бараат најстрога примена на законите за заштита на животните, одговорност за малолетникот и неговите родители и итна контрола и санкции за незаконско поседување оружје.
Инаку, како што полицијата објави, во кучето лицето пукало со воздушна пушка.
Неодамна на социјалните мрежи се појави видео на кое се гледаше дека штипјанец врзал мачка и ја влече за автомобилот.Инаку, почна и судскиот процес против лицето кое го тепаше кучето Феликс, по што тоа почина.
