КОРИДОР 8: Груби провери дали старите еднојазични патокази се заменети со нови на албански, македонски и англиски
Јазичната еднаквост ќе се рефлектира со Коридорот 8, вели првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби. Тој заедно со директорот на „Македонија пат“ Беким Мемети, директорот на „Државни патишта“ Ејуп Рустеми и директорот на Агенцијата за спроведување на јазикот Илбер Села денеска направи увид во замената на старите еднојазични патокази со нови кои се напишани на албански, македонски и англиски јазик.
„Коридорот 8 е решен во форма на автопат во целост, вклучувајќи и трета лента на автопатот на патот Тетово-Гостивар, изградба на автопат од Гостивар до Кичево, автопат Кичево-Охрид и Охрид-Струга-Ќафасан, односно нашите граѓани од Ќафасан до Блаце со Република Косово или до другите граници ќе се возат по модерен автопат“, изјави Груби.
Тој вели дека модернизацијата на Коридорот 8 и неговата реконструкција е од особено значење заради регионалното поврзување и соработката и е од економско значење за земјава.
