Контроли ќе ја „тресат“ општина Прилеп
Контроли на инспекциските служби ќе ја „тресат“ општина Прилеп за да се утврди дали претходното раководство работело неодговорно и незаконски со оглед на тоа што е генериран долг од 3,5 милиони евра и тоа претежно кон приватни компании за кои постои сомнеж дека биле блиски до претходната власт. Новиот градоначалник Илија Јовановски на својата прва прес конференција истакна дека две недели откако ја презел општината долгот драстично се зголемил откако се појавиле побарувањата од приватните субјекти.

- При примопредавањето на должноста, ни беше презентирано дека во касата на општина Прилеп се наоѓаат околу пет милиони денари, а долгот спрема доверителите е околу 25 милиони денари. На прв поглед изгледаше релативно добро, но за жал, не беше така. По два-три дена долговите се зголемија на 29 милиони денари, а по две недели долгот достигна до 104 милиони денари Ако кон ова се додаде и долгот кон Светска банка што се плаќа на рати, едниот кредит е 40 милиони денари (треба да се исплати до 2026 година), другиот 20 милиони денари (ќе се плаќа до 2022 година) и лизингот за моторните возила од 2,2 милиона денари, вкупниот долг што општината во овој момент треба да го исплати е 166 милиони денари. На ова треба да се додаде ризичниот фактор на отуѓени побарувања што треба да ги исплати општината, на фиички и правни лица, а се извесни, а тоа се околу 36 милиони денари, и тоа без законска затезна камата и без судски трошоци. Со тоа долгот на општината во овој момент е 202 милиона денари или неполни 3,5 милиони евра - изјави Јованоски.
Во општината има вкупно 155 вработени, од кои 95 на неопределено и 60 со договор на определено работно време. Според Јованоски најголеми побарувачи на средства се неколку фирми. Детали од извештајот на Државниот завод за ревизија упатуваат на сомнежи за незаконско работење и ненаменско трошење на народните пари и во сега конрола вршат службите.
- Најголеми побарувачи на средства се фирми блиски до поранешниот градоначалник Марјан Ристески и до партијата ВМРО-ДПМНЕ: „Новоградба“, „Електро Точила“, „Пелатранс“ и „Матадор“. Поради сомнежот за незаконско работење и за ненаменско трошење на парите, инспекторите од надворешната канцеларија за економски криминал при МВР по налог на јавниот обвинител вршат контроли врз финансиското работење на општината во изминатиот период - рече Јованоски.
Годишниот буџет на општина Прилеп е околу 18 милиони евра, а градоначалникот Јовановски уверува дека ќе се сервисираат долговите како и обврските кон вработените, така и во редовното работење на општината.
