„КОНТРОЛАТА НА ЧУВАЊЕ И НАПАСУВАЊЕ ГОВЕДА ЈА ИМА ОПШТИНАТА“: АХВ со остра реакција на изјавата на градоначалникот на Крива Паланка
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) најостро реагира на изјавата на Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, дека локалната самоуправа нема никаква законска надлежност да постапува во справувањето со проблемот со говедата кои лутаат низ градот и нанесуваат штета и на земјоделските поседи и во околните села.
- Го потсетуваме Митовски дека неодговорно е кон сопствените граѓани и жители на паленечките села тој да се иззема од одговорност која ја има во овој случај, бидејќи согласно Законот за јавна чистота, член 14 став 1 точка 11, контролата на одржувањето на јавните површини односно чување и напасување на крупен добиток (вклучително и на говеда) на јавни површини ја има токму Општината. Ако сакаше, Митовски и досега можеше да го реши проблемот, сам или со помош од некои поранешни функционери, негови сограѓани, кои беа во врвот на претходната Влада - нагалсуваат од АХВ во соопштението исрпатено до медиумите.
Од АХВ додаваат дека „говедата ниту се размножија во толку голем број за година и половина, ниту може инстантно да се соберат, во услови кога со Агенцијата не соработува Општината која е подеднакво одговорна за решавање на проблемот“.
- Како одговорна институција, во интерес на граѓаните на Крива Паланка и околните села, го повикуваме Митовски конечно да почне да го почитува законот и да соработува со Агенцијата, за трајно решение на реалниот проблем со кој се соочуваат жителите од овој крај.
Агенцијата за храна и ветеринарство и во наредниот период ќе продолжи со активности за собирање на животните во интерес на граѓаните на Општина Крива Паланка - нагласуваат на крајот од соопштението.Инаку деновиве имаше нов обид од повеќе институции за собирање на кравите во Крива Паланка, при што сопствениците, повторно го попречуваа собирањето, при што една од ќерките беше приведена.
Поради проблемот со кравите, жителите од Крива Паланка и локалните села излегоа на протест пред општинската зграда барајќи итно решавање на проблемот стар 15 години. Тие велат дека голем број говеда се движат неконтролирано низ Паланечко и им предизвикуваат материјална штета и ја загрозуваат нивната безбедност.
По бркањето на кравите низ градот, се огласи и градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски кој истакна дека случувањата се „класичен пример, со кој, се отсликува немоќта на институциите да постапуваат“. Алармира дека жителите се гневни и може да дојде, до како што вели, ескалација на настаните.
- Излегов на протестот од граѓанска и морална причина. Сакав да дадам поддршка на локалното население кое со години е оставено да се бори само со овој проблем. Моето присуство не треба да даде политичка конотација на овој народен собир. Сакав заедно со граѓаните да испратиме порака дека институциите конечно треба да почнат да си ја работат работата за која се платени.
Во конкретниот случај, тоа е Агенцијата за храна и ветеринарство. Од неа бараме да постапува по сопственото извршно и правосилно решение и конечно да стави крај на овој децениски проблем.
На протестот слушнав дека граѓаните изнесоа ултиматум, односно, бараат проблемот да се реши до 15 март. Да бидам искрен и реален, земајќи го предвид бројот на говеда, мислам дека тој не може да се реши дотогаш - кажа Митовски.
