Конкурс на КХВ: И младите ќе може да придонесат за развој на пазарот на хартии од вредност
Комисијата за хартии од вредност распиша конкурс за Есеј - осврт на тема „Влијанието и придобивките на приклучување кон евроатлантските организации врз работењето на пазарите на хартии од вредност“ и за Научно истражување – труд со оригинални научни резултати на тема: „Влијанието и придобивките на приклучување кон евроатлантските организации врз работењето на пазарите на хартии од вредност“. Оваа активност, како што соопштуваат оттаму е дел од определбата на Комисијата за поттикнување на развојот на пазарот на хартии од вредност.
„Комисијата вложува особени напори во своето работење за реализација на активности кои придонесуваат за развој на пазарот на хартии од вредност, и во таа насока ја идентификува и научно-истражувачката дејност, преку која очекува да го зголеми интересот за истражување во оваа област, како и да ја охрабри младата популација (студентите) да даде придонес во овој процес, велат од КХВ.
Право на учество на конкурсот имаат сите државјани на Република Македонија, без ограничување на бројот на автори. Еден автор има право да поднесе само еден самостоен труд. Трудовите изработени во коавторство се прифатливи.
На конкурсот за најдобро научно истражување - труд авторите имаат право да конкурираат и со веќе објавени трудови во текот на 2018 година. При поднесувањето на трудот, авторот треба да наведе кога и каде бил објавен трудот.
Трудовите се поднесуваат на македонски, албански или на англиски јазик.
При поднесувањето на трудот, авторот треба да достави и изјава за оригиналноста на трудот, како и согласност за објавување на истиот. Трудовите се поднесуваат до Комисијата за хартии од вредност на РМ со назнака: „Конкурс за научно-истражувачки труд“, по електронски пат, во „Word" формат на е-адресата: konkurs@sec.gov.mk
Одлуката за избор на најдобар есеј/ научно-истражувачки труд ја носи посебна Комисија формирана за таа цел во рамки на Комисијата за хартии од вредност, составена од 5 члена.
Краен рок за доставување на трудовите е 23 септември 2018 година.
Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија како награда за најдобар есеј доделува Благодарница за придонес и учество на една обука по избор на добитникот - обука за инвестициони советници или обука за работа со хартии од вредност (во вредност до 25.000 денари).
Како награда за најдобро научно истражување – труд се доделува Благодарница за придонес и парична награда во вредност од 30.000 денари.
