Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ без уште еден „тешкаш“
Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ кој денес започнува со регистрација на делегатите во Валандово ќе помине без неколку „тешкаши“ од партијата кои не се задоволни тоа што има само еден кандидат за наследник на Никола Груевски како нов претседател со што се стеснува внатрепартиската демократија. По Антонио Милошоски и пратеникот и долгогодишен координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Илија Димовски, посочи дека нема намера да даде поддршка на Конгресот со негово присуство.
„Со жалење ги информирам делегатите на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да присуствувам на Конгресот затоа што раководните лица и органи во партијата не создадоа и не овозможија услови за демократски Конгрес кој реално ќе ја отслика вољата на членовите. Овој Конгрес не го носи со себе легитимитетот на широкото и големо членство на ВМРО-ДПМНЕ. Има политички дефицит и јасни одрази на креирање на состојба на формален избор на веќе одлучено решение, без вклученост на нашите местни и општински комитети, ветераните и сите членови на партијата. Моите забелешки не се од персонални причини, туку станува збор за принципиелни и концептуални разлики, напиша Димовски во обраќањето на социјалните мрежи.
Димовски порача и дека на ВМРО-ДПМНЕ не смее да му се сличи демократски дефицит.
„ВМРО-ДПМНЕ беше партија во која членовите видоа алтернатива на комунизмот, едноумието и анационалните структури од минатото. На ВМРО-ДПМНЕ му е потребен нов концепт на отвореност, транспарентност и демократија. Партијата мора да ги обнови и создаде старите партнерства и мора да биде прифатена како сериозна и единствена алтернатива на лошата и неуспешна власт на СДСМ. Но, ВМРО-ДПМНЕ тоа може да го покаже само низ сопствен пример на прифаќање на некои свои грешки и пропусти, нивно исправање и силна енергија која ќе покаже дека и членовите и граѓаните, без разлика на нивната етничка и верска припадност, ќе може да прифатат дека ВМРО-ДПМНЕ е столбот врз кој може да се гради демократија, слобода, економски напредок и здрава и силна држава. ВМРО-ДПМНЕ во минатото направи многу добри проекти во економијата, инфраструктурата, земјоделието, социјалните права на граѓаните, за Армијата, за младите, за претприемачите и пензионерите. Затоа не смее да покажува знаци на демократски дефицит и знаци на неспремност за прифаќање на различно мислење и во рамките на себе и надвор од своите структури, напиша Димовски.
Единствен кандидат кој поднесе кандидатура за нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, додека пак останатите кандидати кои собраа потписи од делегатите решија да се повлечат од трката бидејќи биле поставени во неповолна положба со претходните силни лобирања од самиот врв.
