Конгрес на СДСМ, ќе бидат објавени носителите и програмата
СДСМ денеска на конгрес ќе одлучува за кандидатите за пратеници и за носителите на листи за парламентарните избори на 8 мај. На собирот ќе биде претставена и партиската програма за евентуално нов мандат пред гласачите.
Владеачката партија претходно на 3 март веќе одржа еден партиски конгрес на кој треба да биде официјализирана кандидатурата за втор мандат за шеф на државата на актуелниот претседател Стево Пендаровски.
Инаку, според информациите што ги објавуваат медиумите, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, ќе биде носител во првата изборна единица, а како коносител ќе ја има претседателката на коалицискиот партнер ЛДП, Моника Зајкова. Први во „двојката“ ќе бидат Сања Лукаревска и Фатмир Битиќи, додека во третата изборна единица предводници ќе бидат Љупчо Николовски и Оливер Спасовски, кој се сели од носителската позиција во втората изборна единица. Најверојатно, носител во четвртата изборна единица ќе биде поранешниот министер за здравство, Венко Филипче. За петтата изборна единица се споменуваат Јован Митрески и Бисера Костадиновска-Стојческа, а „шестката“ е најнеизвесна, таму во игра се повеќе имиња и најмногу се споменуваат Славјанка Петровска и Миле Зечевиќ.
Но, во меѓувреме, дел од медиумите шпекулираат дека, сепак, може да има измени на претходно планираните изборни листа во „двојката“ и во „тројката“, односно дека поранешниот министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, повторно ќе ја предводи втората изборна единица, а заменик-претседателката и директорка на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, ќе биде прва во „тројката“.
Претходно, доскорешен премиер Ковачевски, информираше дека во партијата има над 1.000 потенцијални кандидати предложени од општинските организации, од кои 600 имаат поднесено кандидатура.