Економија, финансии, бизнис

Контакт

КОНФИСКУВАН ИМОТ ОДИ НА „БАРАБАН“: Агенцијата продава објект и земјиште во Бутел, еве кога е запленет

КОНФИСКУВАН ИМОТ ОДИ НА „БАРАБАН“: Агенцијата продава објект и земјиште во Бутел, еве кога е запленет

Преку електронска аукција, Агенцијата за управување со одземен имот ќе продава конфискуван недвижен имот, кој се наоѓа на катастарска парцела во Бутел, во месноста викана Хо Ши Мин. Имотот, како што е наведено во огласот е во сопственост на Република Македонија и е запишан во Имотен лист број 100225.

Имотот кој го продава Агенцијата се состои од дворно место со површина од 218 метри квадратни, земјиште под зграда 1 со површина од 105 метри квадратни, помошна просторија (внатрешна површина 28 м²) во станбена зграда А1, влез 1, кат ПО, број 1, и стан со внатрешна површина од 93 м², во истата зграда А1, влез 1, кат ПР, број 1.

Продажбата ќе се спроведе со јавно наддавање по електронски пат на 3 јули 2026 година, со почеток во 09:00 часот, а наддавањето ќе трае 15 минути. 

Почетната цена е утврдена на 3.960.276,52 денари или приближно 64.395 евра, согласно процената на Министерството за правда – Биро за процени.

- Право на учество на јавното електронско наддавање имаат сите заинтересирани физички и правни лица кои можат да се стекнат со сопственост на одземените предмети и конфискуваниот имот на територија на Р.С. Македонија согласно закон и кои ги исполнуваат условите дадени во Заклучокот, освен Лица вработени во АУОИ, други лица кои службено учествувале во постапката, осуденото лице против кое се водела судската или прекршочната постапка, брачен другар, вонбрачен другар, роднина во права линија или до четврти степен во странична линија на вработените и на осуденото лице или лицето против кое се водела судската или прекршочната постапка, правни лица или одговорни лица во правните лица или бранителот или правниот застапник на правното лице во кое осуденото лице е сопственик на најмалку 25 % од сите акции или се наоѓа на раководна позиција - се посочува во објавата на веб страната на Агенцијата. 

Фотографиите објавени на веб страната на Агенцијата покажуваат објект кој делува запуштено, но споделени се фотографии само од надворешниот дел и не може да се види како изгледа во внатрешноста...

По завршување на електронското наддавање, записникот се доставува до сите учесници, а најповолниот понудувач е должен веднаш да ја уплати целата цена, од која 7 отсто се уплаќа на една сметка, а останатите 93 проценти на друга сметка на Агенцијата. Данокот на промет паѓа на товар на купувачот.

По уплатата, Агенцијата во рок од три дена донесува заклучок за извршена продажба, кој служи како правна основа за стекнување на сопственост. Предавањето на недвижноста во владение на купувачот се извршува во рок од осум дена од заклучокот.

Инаку станува збор за имот конфискуван во случајот ,,Пепел”, од пред повеќе од 15 години, во кој меѓу обвинетите беше и кумановецот Бајрш Сејдији.

- Конфискуваниот имот, кој што е предмет на продажба е одземен врз основа на пресуда КОК бр.3/09 од 25.03.2010 година од лицето Мустафа Селимовски во случајот со Бајруш Сејдији - посочија од Агенцијата.


П.О.

Фото: Принтскрин/Агенцијата за управување со одземен имот

Слично

Поврзани вести