Економија, финансии, бизнис

Контакт

Конечно свечено отворање на општинската зграда на Карпош

Конечно свечено отворање на општинската зграда на Карпош

Свеченото отворање на општинската зграда на Карпош, која се гради 13 години и има 4.500 метри квадратни, ќе се одржи на 10 септември во 19:00 часот.

Општина Карпош информира дека по завршените приклучоци од страна на ЕВН КЕЦ Ѓорче Петров, новата општинска зграда е ставена под електрична мрежа и целосно осветлена. Во тек е и финалното поврзување на телекомуникациските и интернет врски, со што објектот ќе стане целосно функционален за користење, соопшти вечерва општинската прес-служба.

– Оваа модерна и енергетски ефикасна зграда претставува едно од најзначајните вложувања во историјата на Општина Карпош. Со современ интериер, кабинети и комплетно функционален приземен дел, новата зграда е изградена во согласност со потребите на локалната самоуправа и граѓаните.Со овој капитален проект, Општина Карпош ја потврдува својата определба за создавање современи, функционални и енергетски ефикасни јавни објекти, во кои граѓаните ќе можат да ги остваруваат своите права и услуги во услови достојни за еден европски град, се вели во соопштението.

Новата општинска зграда на Карпош е најдолго градениот административен објект во Скопје, кој се гради веќе 13 години, иако кога започнаа градежните работи, есента 2012 година, беше кажано дека за осум месеци Општината ќе добие нова зграда. Но, нејзината изградба наиде на многу пречки, а четири години беше и сосема запрена и се бараше решение како да продолжи, затоа што дотогаш изграденото отстапувало од проектот врз основа на кој е издадено одобрението за градба.


Слично

Поврзани вести