Економија, финансии, бизнис

Контакт

КОНЕЧНО, СКОПЈАНИ И ТОА ГО ДОЧЕКАА: Се реновира фонтаната „Лотос“ во Градски парк

КОНЕЧНО, СКОПЈАНИ И ТОА ГО ДОЧЕКАА: Се реновира фонтаната „Лотос“ во Градски парк

Започна целосната реконструкција на култната фонтана „Лотос“, сместена на влезот од Градски парк Скопје, еден од најпрепознатливите симболи на градот и место со силна емотивна вредност за генерации скопјани.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека по години запуштеност, фонтаната конечно добива нов живот. Реконструкцијата опфаќа целосна санација на самата фонтана, со цел да ѝ се врати автентичниот изглед и функционалност, но и да се обезбеди нејзина долгорочна одржливост.

Паралелно со обновата на „Лотос“, се уредува и плоштадот околу фонтаната. Во рамки на проектот се поставува нова урбана опрема, современо архитектонско и декоративно осветлување, како и уредување на просторот што ќе му даде модерен, уреден и достоинствен изглед.

Со оваа интервенција, едно од најкултните градски катчиња повторно ќе стане место за средби, прошетки и секојдневни уживања. Просторот околу фонтаната е замислен како отворена јавна сцена каде граѓаните ќе можат да создаваат нови спомени, а градот да добие уреден и функционален јавен простор каков што заслужува.

Обновата на фонтаната „Лотос“ е уште еден чекор кон враќање на препознатливиот урбан идентитет на Скопје и грижа за јавните простори кои со децении биле дел од колективната меморија на градот.



Слично

Поврзани вести