Дебата за Концептот за образовните реформи од денеска во Собрание
Предлогот на Министерството за образование и наука за новиот концепт за реформи на наставата во основните училишта од денеска официјално влегува во Собрание со расправа во Комисијата за образование, наука и спорт закажана за напладне.
Претходно министерката Мила Царовска одржа голем број на средби со сите засегнати страни, а по електронски пат министерството собираше забелешки и предлози за нацрт-концептот, но истовремено постоеше и отпор кај одреден дел од јавноста, особено за интегрирањето на историја во еден заеднички предмет.
На јавната расправа се поканети и членови на Владата, односно од Министерството за образование и наука и органите во неговиот состав, а се очекува да присуствуваат и претставници на државни образовни институции, професори од педагошките факултети, директори и наставници од основни училишта, МАНУ и невладини организации, како и претставници на меѓународни претставништва.
Царовска во своето последно 9интервју веќе нагласи дека и собраниската дебата ќе послужи да се заокружи дефинирањето на концепцијата за основно образование.
„Сметам дека во наредниот период е многу значајна онаа дебата што треба да се случи или расправа во самото Собрание по однос на концепцијата за основно образование и навистина ќе бидам среќна што во Собранието ќе се зборува за основното образование, затоа што многу години за ниту еден концепт за основно образование досега не се зборувало во јавноста, а камоли да има јавна расправа во Собранието. Поканите ги испраќа самата Комисија, организатор е Собранието и не би можела да зборувам кој сè е поканет, но сметам сите релевантни, веројатно сите што биле гласни и помалку гласни во јавноста со различни ставови сигурно ќе бидат поканети од страна на Комисијата и ќе имаме плодна расправа“,рече министерката за МИА.
