„Комунална хигиена“ се поднови со специјални возила
Вкупно 13 нови специјални возила набави Јавното претпријатие „Комунална хигиена“. Меѓу комуналните возила, кои беа презентирани денеска, две се специјални цистерни за машинско и рачно миење на јавни површини, со капацитет на цистерната од 7м3, кои се набавени со грант од Светската банка за Градот Скопје, а чинат околу 9,5 милиони денари.
Освен нив, набавени се и три специјални комунални возила за транспорт на садови за отпад – контејнери од 1,1м3, две специјални мултинаменски комбинирани возила со придружна опрема - опрема за чистење снег, опрема за расфрлање сол, приклучок ровокопач, како и приклучок грејдер за рамнење, две специјални возила рол-кипери, наменети за подигање и транспорт на прес-контејнери и четири возила за празнење контејнери со зафатнина од 1,1 кубен метар наменети за подигање на отпадот од тесните улички.
Вкупната инвестиција на ЈП „Комунална хигиена“ за подновениот возен парк изнесува околу 55 милиони денари. Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски изрази задоволство што, како што рече, „Комунална хигиена“ застанала на здрави нозе, станала финансиски стабилно претпријатие и со свои средства набавила нова опрема за своите потреби.
„Во 2009 година ЈП „Комунална хигиена“ го затекнавме со 6 стари возила кои го опслужуваа целиот град, а денес ова јавно претпријатие има повеќе од 70 нови возила“, рече Трајановски.
ФОТО: Курир
Слично
