КОМУНАЛНА ХИГИЕНА ЌЕ ДОБИЕ 40 НОВИ ВОЗИЛА - градскиот татко се пофали со набавка поддржана од Министерство за транспорт и Светска банка
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека почнува обнова на возниот парк на ЈП „Комунална хигиена“. Тој истакнува дека почната е постапката за сериозна инвестиција во јавната чистота, со почеток на постапката за набавка на повеќе од 40 нови, современи и специјализирани возила за потребите на ЈП „Комунална хигиена“.
- Со оваа одлука, Град Скопје прави суштински исчекор кон трајно и системско решавање на проблемот со одржувањето на јавната чистота, подобрување на хигиенските услови и обезбедување достоинствено, организирано и ефикасно собирање на отпадот во сите скопски населби.
Проектот се реализира преку координирана соработка со Министерството за транспорт и Светската банка, а дополнително ќе биде поддржан и со сопствени средства на Град Скопје, што јасно ја потврдува силната институционална заложба за здрав, уреден и модерен град - се посочува во соопштението на Град Скопје.
Воедно веста на социјални мрежи ја споедели градоначалникот, истакнувајќи дека станува збор за „убава вест за Скопје“.
- Денес со огромна радост ве информирам дека официјално започна постапката за набавка на специјализирани возила за потребите на ЈП „Комунална хигиена“, кои ќе донесат ред и достоинство во нашиот град. Тендерската постапка која ја спроведува Министерството за транспорт во соработка со Светска банка е веќе распишана, а по завршување на сите правни процедури ќе започне и испораката на возилата.
Покрај ова, денес на седницата на Советот на Град Скопје ќе биде усвоена и програмата за Комунална хигиена, со која градот обезбедува уште повеќе од десет нови камиони од сопствени средства.
Ова значи дека во Скопје ќе пристигнат и ќе бидат ставени во функција повеќе од 40 нови, современи и специјализирани возила кои секојдневно ќе се грижат за чистотата низ целиот град - напоменува Ѓорѓиевски.
Воедно дополни дека ова е најголемата инвестиција во јавната чистота во последните десет години, и дополни дека со оваа набавка, градот ќе располага со доволен број современи возила за да ја покрие секоја населба и секоја улица навремено.
