„Комунална хигиена“: Исплатата на плати се врши исклучиво преку системот на УЈП, што целосно ја исклучува можноста за селективност
Во врска со објавениот текст на порталот Фактор.мк на 21.10.2025 година со наслов „Вработени во Комунална ексклузивно за Фактор: ‘Плата беше дадена на нововработени од Сарај, парите се цедат преку сомнителни договори за интелектуални услуги“, ЈП Комунална хигиена-Скопје, преку неговиот полномошник, го демантира текстот и насловот кои содржат невистинити и неточни информации, со кои се нарушува угледот и интегритетот на претпријатието.
Во објавениот напис е наведено дека „дел од вработените не добиле плата“, дека „пари имало
само за нововработените од Сарај“, како и дека „средствата се цедат преку сомнителни договори за
интелектуални услуги“, што е неточно и без никаква фактичка основа.
„Имено, платите на сите вработени во ЈП Комунална хигиена-Скопје се исплаќаат редовно, со
можни краткотрајни административни доцнења кои се резултат на моментална финансиска
неликвидност, предизвикана од неисполнети обврски на Министерството за здравство кое му должи
на претпријатието износ над 5 милиони евра. Исплатата на плати се врши исклучиво преку системот на
УЈП, што целосно ја исклучува можноста за селективност или фаворизирање на одредени вработени.
Наводите за „сомнителни договори за интелектуални услуги“ се апсолутно лажни и
тенденциозни, бидејќи сите договори на претпријатието се склучени транспарентно и во целосна
согласност со Законот за јавни набавки.
Со ваквиот напис, Фактор.мк постапил спротивно на Кодексот на новинарите на Македонија,
објавувајќи непроверени информации и наводи без да се побара став од претпријатието, со што ја довел
јавноста во заблуда и го нарушил угледот на ЈП Комунална хигиена-Скопје“, велат од ЈП „Комунална хигиена“.
