„Комунална хигиена - Скопје“ заглавена во долгови, 113 возила надвор од употреба
ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ се соочува со сериозни финансиски проблеми, застарен и нефункционален возен парк, спорни вработувања и слабости во управувањето со имотот, покажува ревизијата на работењето на претпријатието за 2024 година.
Државниот завод за ревизија дал неповолно мислење за финансиските извештаи и за усогласеноста на работењето со законските прописи.
Еден од најголемите проблеми е состојбата со специјалните комунални возила. Од вкупно 189 возила, само 76 биле исправни. Неисправни биле 80, додека уште 33 биле хаварисани.
Практично, околу 60 проценти од возилата потребни за собирање и транспортирање на отпадот биле надвор од функција. Просечната старост на возниот парк изнесува 15 години, што директно влијае врз капацитетот на претпријатието навремено да ја извршува својата работа.
Ревизорите откриле слабости и во евиденцијата на недвижностите, машините и опремата. За дел од имотот не било обезбедено право на сопственост, додека опрема вредна повеќе од 29 милиони денари воопшто не била заведена во сметководствената евиденција.
Проблем има и со наплатата на долговите. Побарувања од околу 127 милиони денари биле оценети како тешко наплатливи или со неизвесна можност за наплата.
Во магацините биле пронајдени и големи количества застарени резервни делови. Околу 40 проценти од залихите биле набавени уште во 2009 година и повеќе немале реална употребна вредност.
Во текот на 2024 година претпријатието ангажирало 354 работници преку приватна агенција за привремени вработувања, откако не добило согласност за годишните планови за вработување. За овие ангажмани биле исплатени околу 185,7 милиони денари.
Ревизијата покажува дека „Комунална хигиена“ работела со загуба и имала проблеми со ликвидноста. Вкупните обврски се приближиле до 737 милиони денари.
Доцнењето со плаќањата кон добавувачите создавало дополнителни камати, казни и судски трошоци, со што уште повеќе се оптоварувала финансиската состојба на претпријатието.
Државните ревизори побарале да се преземат итни мерки, да се подготви план за обновување на возниот парк и да се воспостави постојан систем за следење на исправноста и трошоците за одржување на возилата.
