Комплексот „Македонско село“ оди на оглас за ЈПП
Комплексот Македонско село во Горно Нерези, Скопско, на падините на Водно, за кој се потрошени 6,5 милиони евра, ќе биде понуден повторно во оглас за јавно-приватно партнерство, објави Ивица Томовски, директорот на Службата за општи и заеднички работи.
Тој вели дека уште сега има заинтересирани потенцијални домашни оператори, а ќе се направи модел колкаво да биде учеството на јавниот и приватниот партнер одделно во обновувањето. Вели дека во моментов се плаќа осигурување и обезбедување на објектите.
- Оној партнер што ќе сака да го закупи овој објект, сакаме да му оставиме еден грејс период да може да го реставрира, да го реновира, бидејќи реално е доста оштетен од периодот во кој стоел неотворен во нефункционална ситуација, рече Томовски за „Сител“.
Концесионерите одамна не работат со комплексот поради неисплатливост, планот за стартап простор што го имаше претходната власт не заживеа.
Единствен концесионер беше бизнисменот и екс градоначалник Владимир Тодоровиќ но поради загуби во работењето одлучи да се откаже од комплексот.
Службата за општи и заеднички работи која стопанисува со него планира целата постапка да заврши до Нова година, а македонско село да биде отворено до мај следната година.
