Компанијата „Леонардо“ избрана за набавка на осум воени хеликоптери
Компанијата „Леонардо“ е избрана за набавка на осум воени хеликоптери за македонската армија, информираше министерката за одбрана Славјанка Петровска вчеравечер во интервјуто за 360 степени.
Понудата на италијанската компанија била потврдена како најсоодветна во процесот на модернизација на хеликоптерските капацитети на армијата.
„Пред една недела одржавме Управна група, на која што ставот на Генералштабот, што беше потврден од останатите вклучително и од мене, е дека најсоодветна, согласно перформансите, цената, вклучително и системот за одржување е понудата од италијанската компанија Леонардо“, рече министерката.
Набавени ќе бидат два типа на хеликоптери, Агуста 149 и Агуста 169. Едниот хеликоптер е со поголема носивост, до 14 патници со опрема, а другиот е со помала носивост, до 8 патници исто така со вклучена опрема, информираше министерката и додаде дека по оваа одлука се влегува во фаза на формирање на комисијата за набавки која ќе започне со преговарање со компанијата чија што понуда е селектирана како најповолна.
Согласно договорите за набавка, истакна Петровска, испораката на системите за противвоздушна одбрана од Франција се очекува во втората половина на 2025 година, додека артилериските системи од Турција треба да пристигнат во периодот 2025-2026 година.
