Геодетите контра катастарот: Не сме криминалци
Комората на овластени геодети денеска преку соопштение реагира на информациите за оштетувањето на Агенцијата за катастар на недвижности поради надоместокот за користење на податоците.
Оттаму велат дека се изненадени од ставовите и пласираните дезинформации од страна на менаџменетот на Агенцијата за катастар на недвижности со што се нанесла штета на угледот и честа на Овластените геодети и Трговските друштва за геодетски работи.
Во реакцијата се вели дека Комората активно учествувала во измените на Законот за катастар на недвижности, а посебно во измените што се однесуваат на овластувањата на Комората и казнените одредби со цел подобрување на квалитетот на услугите и законито работење.
„ Ставот на Комората бил и ќе остане законито работење на Овластените геодети вработени во Трговските друштва за геодетски работи. Оттука зачудуваат паушалните изјави кои се однесуваат за висината на неплатените надоместоци од страна на друштвата за геодетски работи кон Агенцијата за катастар на недвижности од причини што секој геодетски елаборат согласно Законот и подзаконските акти, при доставувањето во АКН , подрачните одделенија, потребно е да содржи доказ за платен надоместок за користење на податоци од АКН. Во спротивно истиот геодетски елаборат не треба да биде примен, заверен и спроведен во Катастарот на недвижности,“ велат од Комората.
Во врска со информациите за одземање на лиценците за работа на три геодетски фирми, од Комората посочуваат дека лиценците се одземени поради неисполнување на пропишаните услови за работа, а не по основ на неплатени недоместоци. Тие се зачудени од фактот што во информацијата и одржаниот прес за медиумите, работењето на трговските друштва за геодетски работи е генерализирано, односно произлегува дека сите регистрирани трговски друштва во Република Македонија не ги исполнуваат своите законски обврски кон АКН за користење на податоци, а ги наплаќаат од странските.
Слично
