Комисијата за заразни болести и овие денови очекува големи бројки на новозаразени
Комисијата за заразни болести го заврши денешниот состанок без присуство на градоначалниците, иако уште од вчера беше најавено дека тие се повикани за да помогнат во справување со кризата со корона вирусот во земјава. Велат дека заеднички состанок најверојатно ќе одржат в понеделник. Во однос на се поголемиот број починати, извори од Комисијата за заразни болести за Фактор потврдуваат дека главната причина е што луѓето се обидуваат да ја скријат болеста и дури 40 проценти од починатите во болница, биле хоспитализирани само 1 до 4 дена. Тоа значи, како што појаснуваат од Комисијата, дека таквите пациенти бараат болничко лекување кога се веќе во терминална фаза и кога веќе едноставно не може да им се помогне.
-Овој вирус е како Цунами, очекуваме голем број на заразени и овие денови, но истовремено се надеваме дека и ќе попушта. Но, загрижуваат сцените од некои скопски општини каде што народот не разбира колку е сето ова сериозно. Таму секој ден некој прави роденден, свадба...се собираат, а да не зборуваме за носење маски. Тоа е главниот проблем, велат за Фактор од Комисијата за заразни болести.
Извори од Комисијата за заразни болести велат и дека и денеска Скопје останува како главно жариште на вирусот, иако очекуваат помали бројки од вчера. Резултатите ќе ги објавот откако ќе бидат целосно собрани, односно кога ќе пристигнат и од приватните лаборатории.
Во текот на викендот, Комисијата за заразни болести ќе разговара за се уште отворените прашања, како што се границите, но и за олабавување на мерките од третата фаза, која се однесува пред се на отворање на хотелите, фитнес центрите, базените.
А.Б.