Командант Малишева вели сакале да притиснат за спроведување на Рамковниот договор
Мухамед Красниќи или командант Малишева, второобвинет во случајот „Диво Насеље“, на денешното судско рочиште изјави дека не се чувствува виновен.
Малишева вели дека настанот е политички монтиран. Тврдеше дека не сакале да војуваат, туку да извршат притисок за реализирање на Рамковниот договор. Малишева кажа дека пукал кон полицијата.
„Пукав колку што можев. Или ќе те убијат или ќе пукаш за да се одбраниш. Сакавме да испратиме соопштение до албанскиот народ да се обедини околу црвено-црното знаме. Немавме намера да војуваме“ - рече тој.
Според Малишева, десетина ветерани на ОНА се засолнале во куќата на Кенан Исени во селото Отља, од каде што се пренесени во кумановската „Диво Насеље“. Кога пукотницата се вжештила, рече дека еден од членовите на групата телефонски му се јавил на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и побарал од него како партнер во Владата да направи сѐ што може за да прекине огнот, бидејќи во спротивно ќе настрада цивилно население.
Красниќи учествувал како војник во 113. бригада на ОВК, а сакал да создаде паравоени структури за Илирида. За него се знае дека бил инволвиран во недозволена трговија со дрога и оружје, организирање криминал и е еден од обвинетите за нападот во Гошинце.
Во случајот „Диво Насеље“ 37 лица се осомничени за тероризам и за терористичка организација. На 9 и на 10 мај 2015 година, вооружена група се судри со безбедносните сили. Во престрелката загинаа осум полицајци од специјалните единици и од посебните единици на МВР, а четириесетина беа тешко повредени. Убиени беа и десет лица од вооружената група.
