КОЛОСТРУМОТ МУ ПОМАГА НА НОВОРОДЕНЧЕТО ВО БОРБАТА СО ВИРУСНИТЕ ИНФЕКЦИИ: За Светската недела на доењето говори д-р Елизабета Љ. Петковска
Подојот со првичното мајчино млеко или со така
наречениот колострумот претставува воведување на природна супер храна во
исхраната на бебето. Макар што по количина е малку, првичното мајчино млеко сепак
е пребогато со хранливи материи што му помагаат на бебето за негов побрз и
поповолен раст и развој, вели прим. д-р супспец. по неонатологија Елизабета Љ.
Петковска, раководителка на Одделот за специјална нега и терапија на новородени
деца и консултант при ЈЗУ Универзитетска Клиника за гинеколохија и акушерство
во Скопје.
Во рамки на Светската недела на доењето, која се одржува од 1. до 8. август, оваа година се става акцент на видливост на мајките кои дојат, да се даде грижа и поддршка да бидат видени и слушнати и да ги споделат своите добри пракси за доењето и важноста на поддршката на повеќе нивоа.
Во оваа насока, д-р. Петковска говориу за важноста на доењето, и дава детално објаснување што значи колострумот за новороденчето.
-Колострумот претставува и природен имунолошки зајакнувач на одбраната на новороденчето кое е изложено на бројни инфекции предизвикани од патогени микроорганизми во неговото опкружување, а во резултат на неговиот незрел имунитет. Содржи специјализирани одбрамбени антитела и бели крвни клетки што со секое голтање во процесот на доење ја обложуваат слузницата на стомакот и цревата кај бебето и го штити пред се од инфекции на системот за варење на храната, како што се дијареа, односно пролив пред се кај високо-ризичните и многу малите предвремено росени бебиња. Исто така, содржи инзворедни хранливи материи во многу високи концентрации. Сепак, малата количина на произведен колострум е прилагоденa на малиот систем за варење на храна кај бебето. Колострумот е богат со протеини и шеќери, кои се од витално значење за исхраната на новороденчето, но содржи помалку масти, што овозможува полесна сварливост на храната во првите денови од животот на бебето. Во него има и природни пробиотици кои што помагаат кај новороденчето да се развие дигестивна флора. Тој ги населува цревата со стотици различни видови на така наречени „добри бактерии" што дополнително го штитат бебето од бактериски инфекции на системот за варење на хрната. Колострумот содржи и високи нивоа на секреторен имуноглобулин, кој му помага на новороденчето во борбата против вирусите инфекции. Заедно со витаминот А кој го прави колострумот жолт и помага во развојот на очите, колострумот е богат и со други минерали, како што се магнезиум, кој што ја поддржува работата на срцето и растот на коските, бакар и цинк, кои што дополнително помагаат во развојот на имунолошкиот, хематолошкиот и невролошкиот систем. Колострумот има благо лаксативно дејство што му помага на бебето да ја испушти првата густа, леплива, темно-зелена по боја столица или така наречен мекониум, а со тоа може да помогне и во ублажување на бебешката жолтицата каде што вишокот на билирубин се елиминира преку столицата. Колострумот му помага на новороденчето да се прилагоди на надворешниот свет преку регулирање на нивото на шеќер во крвтта, а сето ова е поврзано со функцијата на други системи како што се оние за контрола на температурата, фрекфенција на дишењето, заситеност на крвта со кислород и одржување на адекватен метаболизам, посочува д-р Петковска.
До која возраст бебето треба да се дои?
Светската здравствена организација (СЗО) препорачува ексклузивно доење на бебето во времетраење од најмалку 6 месеци. „Ексклузивно доење" значи исхрана на бебето само со мајчино млеко, без додавање на вода или било каков вид на течна или цврста храна. Вообичаено се препорачува да се воведе дополнителна, односно цврста храна на 6 месечна возраст, заедно со продолжување со доењето до 2 годишна возраст или онолку долго колку што уживаат и мајката и бебето во процесот на доење. Дури и ако мајката дои покус период од задолжително препорачаните 6 месеци, тоа е многу покорисно, отколку воопшто да не го дои бебето.
Доењето може да е само по себе предизвик, а може да биде и болно и стресно.
Според д-р Шетковска, проблемите како што се немање на количински доволно млеко за подој на бебето, болните и испукани брадавици, набрекнатоста, болност или пак инфекцијата на градите, може да влијаат на доењето. Некои бебиња имаат потешкотии со правилно или ефикасно цицање во текот на процесот на доење.
-Комбинирањето на доењето со враќањето на работа, исто така, може да биде голем голем предизвик за мајката. Некои мајќи не можат да дојат бидејќи немаат доволно или воопшто не создаваат млеко. Во колку постои било каков проблем со доењето и експресијата на млеко, консултација со доктор, акушерка или специјалист за лактација може да понуди поддршка и насоки што би помогнале кон позитивно искуство во доењето. Во текот на оваа Светска недела на доењето, на тема „Надминување на јазот: Поддршка при доењето за сите“, УНИЦЕФ и СЗО ја нагласуваат потребата од подобрување на поддршката за доењето како критична акција за намалување на здравствената нееднаквост и заштита на правата на мајките и подобрување на стапката на преживување и напредување на новороденчињата. Во колку мајката количински нема доволно млеко или воопшто не го создава, постојат неколку добри и здрави алтернативи, вклучувајќи ја исхраната на бебето со заменска млечна формула, самостојно или во комбинација со ексклузивно измолзување. Некои мајќи ја претпочитаат флексибилноста при што приоритет и даваат на комбинација каква што е исхрана со мајчино млеко и млечна формула. Добро е да се биде свесен за разликите помеѓу доењето и исхраната со млечна формула, пред да се донесе одлука за тоа што е посоодветно во исхраната на бебето и при тоа се направи консултација со педијатар, нагласува д-р Петковска во разговорот за Фактор.
Анита Буховски
фото: Unsplash