Економија, финансии, бизнис

Контакт

Колони возила на Табановце и денеска: Без закажување македонските граѓани најмасовни на вакциналните пунктови во Врање

Колони возила на Табановце и денеска: Без закажување македонските граѓани најмасовни на вакциналните пунктови во Врање

И во текот на днешниот ден на граничниот премин Табановце, кон соседна Србија, забалежани се колони возила. Граѓаните од земјава кои се уште не се вакцинирани против Ковид-19, вакцината ја примаат во најблиските пунктови, најчесто во Здравствениот дом во Врање, како и во Бујановац.

Само во текот на викендот, стотици граѓани, претежно помлади луѓе заминаа во Србија за да ја добијат првата доза од вакцината. Според информациите од РТС, не беше потребно ниту закажување, доволно да се покаже само лична карта, а граѓаните можеа да бираат вакцина или на Синофарм или на Фајзер.

Инаку, македонските граѓани кои масовно се вакцинираа со АстраЗенека во Белград или во Ниш последниот викенд во март, за ревакцина, доколку се под 60 години, повтрно ќе треба да патуваат во Србија. Но, се очекува овие денови македонските здравствени власти да соопштат дали е договорено со Министерството за здравство на Србија, тоа да им биде овозможено на некои од поблиските вакцинални пунктови. Министерот Венко Филипче, минатава недела изјави дека преговара со неговиуот колега Залтибор Лончар, тоа да биде или на вакциналниот пункт во Врање или во Ниш. Се претпосатвува дека во Србија досега се вакцинирани повеќе од 20.000 македонски државјани.

Со АстраЗенека во македонија ќе бидат ревакцинирани само лицата над 60 години, а нивниот број е околу 1.000, односно само толку се пријавиле на страницата revakcinacija.mk. 

Според информациите  од Министерството за здравство, вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 443.374 граѓани.

-На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 249.187 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 1.755 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 9.142 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 399.962 дози вакцини, а ревакцинирани се 150.775 граѓани. Со последните бројки 48 % од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина,  42 % од населението над 65 години е вакцинирано  со барем една доза вакцина и 35 % од населението над 60 години е вакцинирано  со барем една доза вакцина, информира МЗ.

Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.

Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.

А.Б.

Слично

Поврзани вести