Економија, финансии, бизнис

Контакт

Колку заработи фирмата зад „Космос“ на Цаноски во 2025 година?

Колку заработи фирмата зад „Космос“ на Цаноски во 2025 година?

„Фине“ ДОО Скопје е фирмата која ги поседува и продава становите во комплексот „Космос“ во Скопје, поврзан со бизнисменот Фијат Цаноски. Комплексот се наоѓа во Ќерамидница, на адреса „Перо Наков“ бр. 94, покрај реката Вардар и во близина на Универзитетот ФОН, а според описот на проектот има 505 станови.

Според податоците од сопственичката структура, Фијат Цаноски има удел од 99,9 проценти во „Фине“ ДОО. Со тоа, тој е доминантен сопственик на фирмата преку која се поседува и продава значаен дел од недвижниот имот во „Космос“.

Финансиските резултати за 2025 година покажуваат дека низ оваа компанија поминал сериозен износ. „Фине“ ДОО лани остварила приходи од околу 27,4 милиони евра, што претставува зголемување од дури 295 отсто во споредба со 2024 година.

Расходите на фирмата во истата година биле околу 26,7 милиони евра, што е раст од 321 процент во однос на претходната година. Компанијата имала 12 вработени.

Иако приходите се мерат во десетици милиони евра, официјално прикажаната добивка е далеку помала. Во 2025 година „Фине“ ДОО завршила со добивка од околу 31 илјада евра, што е зголемување од 40 проценти во споредба со 2024 година, но и натаму е многу мал износ во однос на прометот што го направила компанијата.

Со други зборови, фирмата која стои зад становите во „Космос“ во 2025 година имала големи приходи, уште побрзо зголемени расходи и добивка која изнесува само околу 0,1 процент од приходите.

Дополнително, катастарските податоци покажуваат дека значителен дел од становите во комплексот „Космос“ сè уште се водат како непродадени. Тоа значи дека комплексот и понатаму има голем продажен потенцијал, бидејќи дел од имотот сè уште останува во рамки на фирмата.

„Космос“ има и бурен историјат. Претходната градба на комплексот беше урната во 2011 година, во периодот кога на власт беше владата на Никола Груевски. Уривањето на објектот на Цаноски подоцна стана еден од најпознатите политичко-судски случаи, познат како „ТНТ“, а во јавноста остана запаметен и по рушењето на делови од објектот со експлозив.


Филип Костов

Слично

Поврзани вести