Колку закани добил Селмани од луѓе на ДУИ?
Во рамките на објавата на својот Фејсбук профил, претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани, откри дека најновите закани кои го добил од Бејтула Асани, братот на Бекир Асани, не се првите кои му ги упатиле луѓе од ДУИ.
„Не сум ги објавил јавно заканите затоа што не сум сакал во
ниту еден момент силеџиите да помислат дека навистина им се плашам. Ги
пријавувам заканите во полиција чисто да оставам трага ако некој од силеџиите
на ДУИ се обиде да ги реализира нив. Сакам да им се заблагодарам на моите
колеги за солидарноста што ја покажаа со мене. Ги уверувам дека ЗНМ, без
разлика на заканите и уцените што се упатуваат кон мене, нема да се откажеме од
нашата заедничка мисија, слободата на говорот во Македонија да биде дел од
нашите животи, а не само во Уставот“, пишува Селмани.
Селмани истакнува дека го цени професионалниот однос на министерот за внатрешни работи и на полицајците што постапуваа во овој случај.
„Тоа не можам да го кажам и за обвинителката Спасенка, која не можеше да препознае очигледна закана по мојот живот. Му се заблагодарувам на специјалниот претставник на ОБСЕ за слобода на медиумите, Харлем Дезир, и на целиот дипломатски кор во Скопје, што силно застана во одбрана на слободата на говорот во Македонија. Денеска бев информиран дека овој инцидент го третираат многу сериозно во европски контекст по кукавичкото убиство на мои колеги во Малта и Словачка. Силно верувам дека македонските граѓани се сплотени во одбрана на европски вредности кои се атакувани од одредени политички маргиналци и силеџии“, се вели во објавата на Селмани.
Инаку, претседателот на Здружението на новинари на Македонија Селмани добил од Бејтула Асани порака со заканувачка содржина откако на „Фејсбук“ напишал дека правната држава клекнала пред еден силеџија, за случајот со пајакот и полицајката, притоа алудирајќи на Бекир Асани.
