Колку туристи ќе имаме до крајот на годината?
Министерот за економија, Крешник Бектеши, очекува годинава да биде остварена целта од еден милион туристи со 3 милиони ноќевања, кои ќе ја посетат земјава.
Ова е во согласност со податоците на Државниот завод за статистика кои покажуваат зголемувањето на бројот на туристи.
„Само во јуни годинава во земјата престојувале 102.327 туристи, кои оствариле 243.175 ноќевања, а заклучно со јуни влегле 433.361 турист, односно имаме 923.855 остварени ноќевања“- вели Бектеши.
Во периодот јануари – јуни 2018 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен 16,4 проценти – кај домашните туристи има зголемување од 9,3 проценти, а кај странските зголемување од 19,8 отсто.
Учеството на туризмот во БДП се очекува да биде околу 3 проценти со оглед на тоа што проекцијата до 2020 е тоа да биде 4 отсто, а овој континуиран раст на бројот на туристи автоматски ќе значи и поголем девизен прилив.
