Колку „тежи“ Беким Сали - идниот прв вицепремиер: Едната фирма му работи активно, другата ја чува „за секој случај“
Стоматологот Беким Сали кој беше министер за здравство во владата на Димитар Ковачевски е на чекор до нова функција - прв вицепремиер во владата на Христијан Мицкоски. Ќе го наследи Изет Меџити, кој повторно се врати во градоначалничката фотелја во Чаир.
Сали поседува две фирми. Двете, регистрирани на улицата Џон Кенеди во Чаир, општината во која и живее.
Стоматолошката „Молар Дент“ на Сали работи од 2008 година. Според последно достапните информации, има 21 вработен, а низ годините има различно финансиско работење.
Во 2022 година, фирмата имала добивка од 137 илјади денари. Следната 2023 била многу поуспешна за Сали, па по расходите, за неговата „Молар Дент“ останала добивка од 1.628.000 денари. Лани, му се зголеми расходите, па фирмата имала добивка од само 5.000 денари.

Во 2016 година, Сали основал уште една фирма - „Молар Имплант“. Но, се чини дека оваа фирма ја чува „за секој случај“. „Молар Имплант“ имала загуба од 13 илјади денари во 2022 година. Следните две, 2023 и 2024 година, фирмата практично не работела - има 0 денари приходи, 0 денари расходи и 0 денари добивка.

Сали лани беше избран за пратеник во Собранието, како дел од коалицијата Вреди. Според информациите кои ги има прикажано пред антикорупциската комисија, неговата имотна состојба грубо е процената на околу 1 милион евра.
Александар Тодески