Колку порасна државниот долг за 15 дена?
Задолженоста на државата во обврзници и записи порасна за 437,8 милиони денари за 15 дена во јуни. Позајмени се 900 милиони денари, а вратени се 462,2 милиони денари. Од новото задолжување 580 милиони денари се со рок на отплата на 15 години и на нив ќе платиме вкупна камата од 261 милион денари
Државниот долг во обврзници порасна за 437,8 милиони денари за 15 дена овој месец заклучно со 21 јуни, покажуваат официјалните податоци кои редовно ги објавува Министерството за финансии. Станува збор за ново задолжување во износ од 900 милиони денари на кои ќе платиме камата од 263,2 милиони денари. Во однос на состојбата на 7 јуни годинава, состојбата на главницата на долгот во записи и обврзници на 21 јуни е зголемена за 437,8 милиони денари до износ од 94,631 милијарди денари (околу 1,531 милијарди евра).
Во овој период од 15 дена државата преку аукциите што ги организира централната банка позајми вкупно 900 милиони денари. Станува збор за два заеми кои беа реализирани на 19 јуни. Првиот заем е 580 милиони денари со рок на отплата на 15 година. На тие пари ќе плаќаме годишна камата од 3 отсто што во вкупен износ до јуни 2033 година значи вкупно за камата ќе платиме 261 милиони денари. Вториот заем е на 12 месеци со камата од 1 отсто годишно и позајмени се 320 милиони денари. Каматата на овој заем е 3,2 милиони денари.
Колку е вратено?
Од новото задолжување реализирано на 19 јуни, вратени се стари долгови во вкупен износ на главница од 462,2 милиони денари. Од тоа 47,2 милиони денари се задолжување на 5 години, а 265 милиони денари се задолжување со рок на отплата на 6 месеци. И двата долга се вратени на 20 јуни. Ден претходно на 19 јуни се вратени 150 милиони денари со рок на отплата од 12 месеци.
