„КОЛКУ ПОБЛИСКУ ДО ПРАВДАТА, ТОЛКУ ПОВЕЌЕ АРСОВСКА ЌЕ Е БУЧНА И НЕРВОЗНА“: ВМРО-ДПМНЕ реагира на обвинувањата на екс градоначалничката на Скопје
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагираше на ставовите на доскорешната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, дека нејзиниот наследник Орце Ѓорѓиевски лажел кога зборувал за состојбите во градот.
„Колку поблиску до правдата, толку повеќе Данела Арсовска ќе е бучна и нервозна. И посакуваме да се надмине себе си и да ги победи своите стравови и болки. Борбата со таквите демони не е лесна, и и посакуваме среќа. Исто како и со соочувањето со правдата за хаосот што го остави зад себе, кој е неодминлив процес. Видовме дека подобро и поинакво Скопје може да функционира. Сите надлежни институции мора да се посветат на цунамито кое го остави Данела Арсовска“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Арсовска пак, побара јавно соочување на било кој медиум со Ѓорѓиевски, со став дека имала докази дека ниту долговите не биле толкави, ниту избрканите луѓе навистина не се појавувале на работа.
„Кога се лаже се држат рачињата во формација извежбана од медот. Ајде градоначалник да ги објавиш сите фирми со долг по институција, со фактури и датуми од кога им се должи за да знае народ дека лажеш. Исто и со име и презиме сите 400 вработени и кој од кога не одел на работа, и таму да се види дека лажеш. 3 години за корка леб сите кои одеа на работа ти ги избрка да направиш место за своите партиски војници“, реагираше Арсовска.
