Економија, финансии, бизнис

Контакт

Колку мерки реализираше досега Владата од Планот 3-6-9?

Колку мерки реализираше досега Владата од Планот 3-6-9?

Вицепремиерот Османи го презентираше досегашниот напредок во имплементацијата на делот три од Планот 3-6-9, на половина од првите три месеци предвидени за негово имплементирање. „Од вкупно предвидени 73 мерки, во делот три од Планот 3-6-9, досега се реализирани 34 мерки, што претставува реализација од близу половина од мерките. Преку 30 мерки се во тек, а за неколку веќе имаме констатирано дека доцнат. Тоа и не е така лошо, ако се има предвид дека се наоѓаме на половина од предвиденото време, но исто така, ова треба да претставува и предупредување за поголем фокус како на Владата, така и на администрацијата кон имплементација на мерките од Планот 3-6-9“, истакна Османи.

„Ние како Влада на пример, имаме реализирано преку десет мерки, како што е одлуката за стопирање со владините реклами во медиумите, како и одлуката за формирање на Совет за спроведување на реформите во правосудството. Сепак, доцниме со мерките за спречување на користењето на државните ресурси за време на изборниот период, нешто што според Планот досега требаше да биде реализирано, а секако и изборите се ближат“, истакна Османи. Тој посочи и на одредени доцнења и во другите ресори, како што е Министерството за Внатрешни работи, кои сѐ уште ја немаат започнато подготовката на новиот предлог закон за Заштита на сведоци, и каде сѐ уште немаат точно поделена ингеренција и одговорност со Министерството за Правда.

Презентирајќи ги резултатите од имплементацијата на Планот 3-6-9, Вицепремиерот Османи потенцираше доцнење и кај институциите кои се надвор од ингеренциите на Владата, како што е Собранието, каде сѐ уште не е започната, т.н. инклузивна дискусија за избор на модел за реформа на системот за следење на комуникациите, а како што истакна Османи, Собранието доцни и со изборот на член на Уставниот суд на кого му престанува мандатот. Во продолжение, Османи информираше дека Владата, како мерка од Планот 3-6-9, вчера донесе одлука за трајно решение за сместување на Државната Изборна Комисија, но ДИК сѐ уште нема донесено одлука, или правилник, со кој нивните седници би биле отворени за јавноста, нешто што исто така е мерка од Планот 3-6-9.

Вицепремиерот Османи ја потенцираше одговорноста на улогата на членовите на Работниот комитет за фокусот на предложените реформи, за кои Владата веќе покажа политичка волја за нивно спроведување. „Овие доцнења јас редовно ги презентирам и на Влада, и Владата е постојано информирана за статусот на реализацијата на мерките од Планот 3-6-9, но фокусот кон имплементацијата на овие мерки зависи и од посветеноста на администрацијата – нешто што ќе биде главна тема на денешниот состанок на Работниот Комитет за Европски Интеграции“, истакна Османи. Тој се обврза дека, во интерес на подобра координација и управување со процесот на европските интеграции, состанокот на РКЕИ ќе се одржува најмалку еднаш на два месеци, а доколку има потреба и почесто. Османи најави и реактивирањето на Поткомитетот на РКЕИ, кој ја следи легислативната агенда на Владата за сите акти кои се поврзани со процесот на европска интеграција, како и сите Работни групи кои ги покриваат 33-те поглавја на европското право, каде членуваат околу 800 административни службеници. 

Слично

Поврзани вести