Колку ќе трае процедурата за уставни измени?
Собранискиот претседател Талат Џафери очекува процедурата за уставни измени да почне во средината на идниот месец.
„Од моментот на доставување на иницијативата за уставни измени во Собранието до нивното усвојување минимално се потребни 4,5 месеци“, рече на денешниот брифинг со новинарите Џафери.
Веднаш штом Владата ја потпише Предлог - иницијативата за уставни измени кои ги состави Работната група, таа треба да биде доставена во Собранието. Во рок од 30 дена по доставувањето, Иницијативата треба да биде разгледана во законодавниот дом. Потоа, во следните десет дена за неа ќе расправа Комисијата за уставни измени, а подоцна следува и расправа на пленарна седница на која претресот може да трае исто така најмногу десет работни дена.
Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието ја донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, односно во случајот со 80. Џафери додава дека доколку нема две третини на првото гласање за Иницијативата за измени на Уставот, процедурата ќе прекине.
Инаку, ВМРО-ДПМНЕ цело време повторува дека нема да има доволен број пратеници што ќе гласаат за уставни измени.
