Колку ќе се потроши од буџетот на правосудство и дали е доволно?
Реформите во правосудството и секако наметнувањето на политичка волја за владеење на правото се клучен фактор за стабилизирање на Македонија, за враќање на правдата, за гарантирање дека нема да се повторат монтирани случаи, дека секој ќе биде еднаков пред законот и дека правото ќе понуди големи гаранции за напредок на општеството. Тоа се концепти кои ги ветуваше СДСМ и со креирањето на предлог Буџетот за 2018 година за прв пат можеме да видиме како и ќе ги финансира овие политики. Според првичниот план за правосудството вкупно се издвојуваат до 1% од вкупните расходи на буџетот, па токму затоа го запрашавме премиерот Заев дали е тоа доволно.
Фактор: Пред да се донесе Буџетот, имаше големи најави за реформи во правосудството, но ако се гледа од вкупниот колач за расходи, за судството се одвојуваат еден ппроцент од вкупниот Буџет. Дали можеби требаше повеќе средства да се издвојат за поголема независност на судската власт?

Заев: Во резервоарите на Буџетот, и на Јавното обвинителство и на судството, има одредени механизми кои што се оставени, за да се искористат законски моменти и можности на менаџмент на унапредување, на мотивирање, наградувања што ги овозможува законот, и тие пари се предвидени. Ние внимателно ќе ги следиме, буквално сите развојни тенденции во правосудството со конечна цел за негова комплетна независност, пред се мислам на политичка, законска, структурна, но и финансиска. Знаете дека долг период нема ниту вработувања ниту пополнување на работни места. Тој резервоар на пари останат е така. Нека се доекипира и судството и правосудството, по одлуки независни на раководните негови органи. Да ги следиме реформите, ребалансите на буџетите како можност се отворени за идната година. Ако има потреба дополнително за зајакнување, со плус пари за независност на судството, ние остануваме целосно на располагање. Една од трајните и главни определби на Владата е независно правосудство во Република Македонија.

Потребно е креирање на иновативни правни решенија кои ќе ја контролираат политиката и нема да дозволат излевање од контрола на апетитите на државните функционери. Потребни се и квалитетни кадровски решенија кои цврсто ќе застанат во одбрана на својата функција без оглед дали се обвинители, судии или вештаци, интегритетот на професијата и самото право мора да се третираат на свет начин.
Претходно пишувавме дека министерството за правда започна неколку процеси кои беа одлично оценети и истите треба да продолжат. Има придвижување и на повеќе процеси во јавното обвинителство и судовите, па со поддршка на квалитетните мерки очекуваме и поголемо враќање на довербата на граѓаните во овие институции.
Автор: Христијан Станоевиќ
