КОЛКУ ЌЕ НИ ТРАЕ ПРАЗНИЧНИОТ КАРАНТИН - Филипче и Чулев ќе ги спротивстават ставовите
Колку долго ќе ни трае полицискиот час за претојниов викенд и првомајски празници, денеска ќе пресече Владата.
Таа преку видеокомуникација ќе одржи седница.
А на неа ќе се спротивстават аргументите на министерот за здравство Венко Филипче, кој е на став дека повторно, како и за време на велигденските празници, целиот викенд треба да биде затворен, односно да има полициски час од петок до понеделник, наспроти министерот Чулев, кој смета дека карантинот треба да почне во сабота во 15 часот.
„На состанок на штабот јас го изнесов мислењето, а тоа е мислење и на Комисијата за заразни болести, која со консензус смета дека викендот треба да биде целосно затворен, како што беше за Велигден, односно од петок до понеделник. Во меѓувреме, видов некои реакции на министерот Чулев, но сметам дека овде не треба да станува збор за какво било лично мислење, став или желба, туку мислењата се темелат на стручните сознанија на Комисијата за заразни болести. Така функциониравме досега“, рече вчера министерот Филипче.
Како што додаде, јасно е дека граѓаните не сакаат да седат дома, но има причина зошто е предложен карантинскиот викенд.
Додека, пак, министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев ќе бара да нема карантин за празничниот 1 Мај, односно истиот ден полицискиот час да важи од 19.00 часот. Според техничкиот министер, за претстојниот викенд треба да важи истата мерка на ограничување на движењето како и изминатиот, односно да важи од сабота од 15.00 часот до понеделник до 05.00 часот.„Во таа насока, а во пресрет на продолжениот викенд за 1 мај, сметам дека владата треба да донесе одлука која ќе биде идентична на изминатиот викенд. Секое ограничување кое ќе биде построго и поригирозно негативно ќе се одрази на граѓаните. Граѓаните се одговорни, совесни и генерално ги почитуваат мерките за ограничување на движењето. Тие се свесни за ризикот кој го носи заразата од КОВИД-19 и ги применуваат мерките за заштита на своето здравје“, објави Чулев во дел од својот статус на Фејсбук.
