КОЛКУ ИЗГУБИ СДСМ, А КОЛКУ ДОБИ ВМРО ДПМНЕ - пресуди дисциплината наспроти партиските поделби
Голем дел од новите градоначалници во земјава веќе ги добија своите уверенија и почнаа да ги извршуваат редовните работни обврски, а за другите веќе е потврдено дека токму тие ќе управуваат со општините во кои победија во следните четири години. Точно се знае бројот на гласовите кои ги освоил секој градоначалник и во првиот и во вториот круг од локалните избори, но и нивните противкандидати, како и бројот на гласови кои ги добија советничките листи на партиите.
Сепак, Државната изборна комисија се уште нема објавено податок колку гласови на овие локални избори освоија поединечните партии кои се натпреваруваа на изборната трка.
Конкретно, никаде на веб страницат на ДИК не може да се најде податок колку гласови на овие избори вкупно освоија градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.
Фактор се интересираше каде може да се најде овој податок, но првичната информација што ја добивме од ДИК е дека во самата комисија паднал договор таква бројка да не се објавува, од причина што станува збор за локални избори, па доволно е што се објавени резултатите по поединечните општини, односно бројот на гласови на кандидатите, како и процентите од гласовите што ги отвариле.
Разговаравме телефонски и со претседателот на ДИК, Александар Даштевски, но тој вели дека ДИК сега не може да објави таква збирна бројка, бидејќи „се уште се работи на приговорите“, како и дека информатичкиот центар на Комисијата сега има многу работа, па не може да се исфрли бројка колку гласови вкупно освоиле поединечните партии кои учествуваа на изборите.
Конечно, од првиот човек на комисијата Даштевски бевме прашани зошто ни требаат вакви податоци, па бевме упатени и дека самите треба да си ги пресметаме бројките, одејќи „пешки“ односно општина по општина.
Фактор се обиде токму на тој начин да направи пресметки колку гласови на овие избори добија ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, користејќи го токму тој начин, односно сметајќи општина по општина, а потоа напрвивме прост збир. Онаму каде што имаше втор круг ги зедовме предвид тие бројки, а во оние општини каде што изборите завршија во првиот круг, ги користевме тие податоци. Оставаме резерва нашите математики да не се сосема точни, бидејќи во вториот круг дел од гласовите на едни партии се прелејаа кај други, но сепак тоа е јасно изразена волја на гласачите за кого ја дале својата доверба.
Тие податоци до кои дојдовме говорат дека на овие избори партијата СДСМ освоила 295.813 гласа, додека, пак, ВМРО-ДПМНЕ има 342.655 освоени гласови. Ова говори дека на овие локални избори ВМРО-ДПМНЕ освоила повеќе од социјалдемократите за 46.842 гласа.
Да видиме по колку гласови освоиле партиите на предвремените парламентарни избори пред една година и три месеци.
Тогаш коалицијата Можеме на СДСМ, но во која настапи заенички со Беса, освои 327.408 гласови или 35,89 проценти.
Коалицијата, пак, ВМРО-ДПМНЕ и Обнова за Македонија освои 315.344 гласови или 34,57 проценти.
Ова значи дека за една година и три месеци владејачката СДСМ изгубила 31.595 гласа, иако не е баш соодветно да се прави споредба на локални со парламентарни избори. Сепак, целта е да се види како за толку кус период се смени гласачкото расположение за двете доминантни македонски партии во земјава.
Додека, пак, ВМРО-ДПМНЕ, кои беа многу еуфорични за победата на овие локални избори, имаат за 27.311 гласа повеќе на овие локални, од претходните парламентарни избори. Тоа значи дека кај нив нема толку висок раст на бројот на гласовите, колку што таа победа се претставува како фрапантна над политичкиот противник. Треба да се напомене и дека кај ВМРО-ДПМНЕ многу голема беше разликата во гласовите со СДСМ во поголемите општини, додека во голем број помали општини, само за влакно успеаја да ја преземат победата од својот политички победник.
А, не смее да се заборави ни дека на парламентарните избори кои се одржаа во јули минатата година, и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, загубија над 100.000 гласови во споредба со парламентарните избори кои се одржаа во декември 2016 година.
Нина Нинеска-Фиданоска