Колку е опасна метеоропатијата?
При промена на времето, граѓаните се жалат дека трпат главоболки, болки во зглобовите и мускулите.
Метеоропатијата се дефинира како група на симптоми кои се манифестираат при промена на еден или повеќе метеоролошки елементи. Метеоролошки елементи се температурата, влажност на воздухот, ветерот, атмосферски притисок, врнежи, грмежи и друго. Метеоропатијата ги погодува здравите луѓе, но и хронично болните. Метеоропатите се соочуваат и со промени во расположението.
„Јас не чувствувам некои промени, но околу мене има доста метеоропати. Според мене, тоа се оние послаби луѓе што имаат послаб имунитет и се нервираат за секоја болка. Сепак, сметам дека тоа не е страшно“, вели Гоца Спасовска, граѓанка.
Секој организам различно реагира на надворешните промени.
„Ме боли глава и р’бетот. Некогаш пијам таблети, некогаш не, зависи. Кај нас има доста метеропати“, рече Сунчица Спасовска, граѓанка.
На метеоропатијата не се имуни ниту младите.
„Еве јас сум метеоропат. Ме боли грбот, зглобовите, имам главоболка кога има промена на времето и гледам да поминам без лекови“, објаснува помлада жена.
Последниве месеци имаме невообичаени временски услови. Периодов имаше обилни врнежи од дожд во земјава.
„Ако некој има болки, ќе зема лекови, меѓутоа јас сум релативно добро и не се жалам“, вели Трајко Димковски, пензионер.
Лидија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари вели дека паника не треба да се крева околу метеоропатијата. Сепак, порачува дека сите треба да водат грижа за своето здравје.
„Нормално е при промена на времето да чувствуваат болки луѓето со оштетни крвни садови, со хронични болести, но не треба да се создава паника. Метеоропатијата ја имало, има и ќе ја има. Луѓето се чувствуваат омалаксани, без енергија, но доколку почувствуваат вртоглавица, проблеми со рамнотежата, треба да се јават кај својот лекар, да се провери притисокот, шеќерот во крвта и доколку има некои отстапувања, да добијат совети од лекарот, за да може тие параментри да се доведат во ред“, рече Чолакова Дервишова.
Таа вели дека во нашава земја треба да се подигне свеста за откажување од пушењето, затоа што е многу штетно, а бројот на пушачи е енормно голем. Објаснува дека луѓето со здрави крвни садови многу полесно се соочуваат со метеоропатијата и други здравствени предизвици. Порачува граѓаните да се хранат здраво, да се откажат од пороци и секој ден да пешачат.
Психолозите потврдуваат дека метеоропатијата го менува расположението кај луѓето.
„Се менува биоритамот, а со тоа и расположението кај луѓето. Немаат енергија, се пасивизираат, ако имале некои планови и цели, велат дека им е сеедно, немаат волја. Не се работи за депресија, туку за безволност“, рече Милка Ололоска, психолог.
Различни студии кои се спроведени во светот укажуваат дека постои зголемен ризик од срцев удар во текот на зимата, кога одеднаш се разменуваат топли и ладни фронтови и во летните денови при влажни временски услови. Деновите со магла, облаци и промена на воздушниот притисок исто така претставуваат проблем за здравјето на одредена група на луѓе.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
