КОЛКАВИ РЕЗЕРВИ ХРАНА ИМА МАКЕДОНИЈА АКО ВОЈНАТА ПОТРАЕ - Бесими вели: Институциите си ја вршат работата
Прашан дали има доволно стокови резерви за да издржиме три месеци како земја по ескалацијата на русо-украинската криза, министерот за финансии Фатмир Бесими вчера одговори дека досега сите институции постапуваат согласно законските обврски, а тоа, како што рече, значи и во однос на стоковите резерви и другите државни резерви.
„Ситуацијата е сериозна и затоа денеска со Народна банка имавме заеднички состанок. Тоа постојано го правиме и секојдневно ги следиме сите податоци, реализацијата на секој даночен приход и сите други обврски што се во Буџетот визави и новнастанатата ситуација со руско-украинската криза. Ве уверувам дека ликвидноста на Буџетот во моментов е согласно планираното, ситуацијата е тешка, но ние како земја не можеме да влијаеме на она што се случува на светските пазари и во Украина и Русија“, рече Бесими.
Тој не откри дали има потреба од активирање на стоковите резерви, но уверува дека состојбата будно се следи и се разгледуваат мерки, но не кажа какви.
А вчера и претседателот Стево Пендаровски, рече дека на состанокот на Советот за безбедност добил уверување дека стоковите резерви се полни, но ќе има проблем доколку кризата потрае.
Бизнис секторот, пак, се сомневаат во подготвеноста на државата, и апелираат надлежните што поскоро да ги „засукаат ракавите“ кога се стоковите резерви во прашање.
„Ако нас како комора не прашувате, мислам треба да сме проактивни ако не се полни да се наполнат да сме спремни за најлошото сценарио.“ истакна Горан Ѓорѓиевски, претседател на Агро-бизнис комора ССК.
Бесими вчера рече дека земјава ги чувствува ефектите што се случуваат на светските берзи и на европските пазари и во енергетиката и во другите области.„Всушност ова за што денеска зборуваме за цените на енергенсите се ситуации што се пренесени кај нас од она што се случува на европскиот пазар. Сериозно ја следиме ситуацијата, но досега се справуваме во рамките на планираното. Ве уверувам дека како што направивме во 2020 и 2021 година, така и сега навремено ќе реагираме и за овој најнов предизвик во смисла на изнаоѓање заеднички решенија кои ќе бидат одржливи за нашата економија“, потенцира Бесими.
Прецизира дека новонастанатата криза беше за очекување и додаде дека во цените на енергенсите веќе уште во претходните месеци е вградено и се предвидени средства во Буџетот за ова што се случува во Украина и Русија и додаде дека веќе 85 милиони евра од Буџетот се реализирани за намалување на последиците од енергетската криза.
„Овие средства беа планирани за подолг период во годинава, но се случи да има потреба за нивна реализација уште на почетокот на годинава и се реализираа. Така ќе постапуваме и според другите настани што ќе следат, но не треба да даваме погрешни сигнали и да се создаде несигурност во системот и во финансиите. Ве уверувам дека од аспект на финансии и од аспект на буџетската ликвидност ќе има сигурност во земјава“, порача Бесими.
На прашањето дали се планира намалување на ставката на ДДВ за храната, Бесими рече дека за такви теми се расправа на Економскиот совет во Владата и додаде дека сите примери што се користат во другите земји се земаат во предвид и се анализираат заедно со нашите карактеристики.
